„Кога некоја душа е разголена, ти грижливо ја препокриваш, со секоја страница, Кога нечија приказна несебично ти се нуди, ти дава дел од својот живот, парче од тагата, парче од болката, парче од страдањето, парче од вербата, парче од љубовта, ти нежно ги земаш сите парчиња, ги соединуваш и ги гушкаш. Кога едно искрено дело, со доза на кревкост ти е страв да го земиш, да не се скрши, но и со доза на силина која не ти дава да ја оставиш, го чуваш како скапоцен дар кој те мотивира, те потсеќа дека во најслабите моменти ние сме всушност најсилни, најхрабри, дека сме вистински борци за нашето семејство. Кога едно дело ти кажува дека после точка започнува нова приказна, поубава, ти земаш ја запишуваш својата нова приказна, своето ново јас скриено во себе одамна, чекајќи вистински момент за да излезе. .Истрајноста и трпеливоста се оние моменти со кои изобилува ова дело, без тајни и скриени пораки, без влакна на јазикот ти се отвора и те граба, ти се вовлекува во секојдневието, на полиците и тука останува засекогаш.“
Билјана Мартиновска е родена во струшкото село Драслајца, во 1977 година. Основно образование завршува во родното село, а гимназија во Струга. Дипломира на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, но внатрешниот порив за завршување на факултетот кој отсекогаш ѝ бил предизвик го исполнува подоцна со станување дипломиран професор по македонски и англиски јазик на Педагошкиот факултет во Битола.
Личност со зацртани цели во животот, која никогаш не се откажува од своите соништа. Посветена мајка и сопруга, со огромна љубов кон својата професија.
Читањето книги за неа е богатење на духот, а пишувањето нејзина огромна страст. Пишувањето го развива како хоби уште од мали нозе, за подоцна да стане дел од нејзиниот секојдневен живот и начин на изразување на себеси. Пишува за сѐ она што ѝ ја допира душата во текот на секојдневното битисување.
Учествувала на повеќе литературни конкурси низ нашата држава.
Своето прво литературно дело го издава во 2016 год. под наслов „Точка на враќање“. Во овој свој автобиографски роман инспирирана, односно мотивирана од едно лично искуство, таа пишува за себе и своите стравови после преживеаната несреќа. „Пишувањето за тој немил настан беше своевидна катарза за мојата личност, а поттикната од позитивните критики на сите оние кои го прочитаа романот, продолжив и понатаму да творам. Влегувањето во тој свет за мене значи богатење на сопствената духовност, не само како автор, туку и како личност“, вели авторката.
Романот „Куќата со жолта фасада“ е нејзино второ авторско дело. Романот е инспириран од вистински настани, а е резултат на повеќегодишно истражување и консултации со стручни лица од областа на медицината и психологијата.
My dear lady, my bow to the ground! This is a book that exudes with courage, sincerity, greatness... some parts I admired, on some I cried, on some I was speechless... and when you think that all of this is real life... you should be an example to many women - for courage, tolerance and endurance...
"Ќе престанеш да чувствуваш болка тогаш кога ќе престанеш да се надеваш."
Надежта е мотор на човечкото битие, патоказ по кој чекориме секогаш кога ќе залутаме од вистинската траекторија, бегство во кое го пронаоѓаме сопственото јас, удобно сместено во своето тело. Болката, особено телесната не учи на истрајност, огромна жртва, немилосрдна борба и натчовечка издржливост. Точката на враќање е мост што спојува едно тело, а две различни личности. После бурата, таму, на работ од амбисот стои една Билјана. Ќе ни ја раскаже својата трогателна пиеса кога конечно ќе огрее сонцето во нејзиниот живот. Моќен ролекостер од емоции, солзи, тага, болка, среќа, победа и желба за нов живот. Ова е борба на една мајка, сопруга, ќерка, сестра, пријателка која бескомпромисно, како вистинска лавица ќе го штити своето гнездо, интегритет и достоинство. "Точка на враќање" е интимна исповед на авторката, која ненаметливо и непосредно ни ја отвара својата душа и без демагогии ја раскажува борбата што ја водат жените во ова бескрупулозно општество. Секојдневно, во секоја сфера!
"Постојат два начини да се живее животот. Едниот е да мислиш дека не постојат чуда. Другиот е да мислиш дека секое нешто е чудо."
Да напишеш дело во кое ја разголуваш својата душа пред целиот свет... Сигурна сум дека не е толку лесно како што изгледа. Додека го читате, ја чувствувате болката на авторот, но исто така ја чувствувате и среќата, силната волја повторно да се застане на нозе. Мало, мотивирачко чудо од книга!