Алатот кој Горан Стефановски со оваа книга му го нуди на читателот и самиот го користи во создавањето на неговите драми. „Оваа книга нуди помош во таа смисла. Таа е малечок алат, инструмент кој можете да го користите на ваш начин. Алатот, се разбира, не работи сам по себе. Тој мора да се користи за да биде корисен, и мора да се научи како да се користи. Овој ‚драматуршки‘ инструмент нема да напише драми за вас, но може да ви помогне вие да напишете драми. Алатот е едноставен, но тој се користи за создавање сложена магија.“ Мала книга на стапици од Горан Стефановски е интересен, досетлив текст – практикум за пишување на драмски текстови. Напишан како еден вид додаток на изборот од неговите драми, објавени во истата издавачка куќа (Собрани драми 1-2), овој прирачник го прикажува начинот на кој и самиот автор ги создава своите драмски текстови. Како и секој прирачник, содржи и листови за вежбање, на кои оној што ќе се реши да тргне по патеката на драматургијата, треба да ги следи.