Што да се каже за овие раскази, а во исто време соодветно да се претстават и тоа да не делува како преувеличување кое ќе постави превисоки очекувања? Одлепени, фантастични, хумористични, апсурдни и длабоко прецизни! Вака би можела да ги опишам десетте раскази од оваа збирка со наслов „Каде леташ, Јулија?“ на Хана Корнети. Со нејзиниот уникатен стил изграден преку колоквијален јазик, полн со хумор и длабинско проникнување, Хана нè става во друштво на неверојатни ликови низ незамисливи ситуации. Уште поневеројатно ни се чини што во ликовите од нејзините раскази како во огледало се гледаме самите или ги препознаваме луѓето околу нас. А во нив и специфичните мани, неодоливо добрите страни и целиот куп апсурдности, за кои обично сме слепи гледајќи со (нашето) голо око. Ова е збирка во која се лета на метла, се паѓа во клопка на октопотка, се добива лоша фризура и добар фризер, се тролаат телепродавања, се дочекуваат најдолгите седум секунди, се губи мачката на својот живот, настануваат грешки и изгреваат нови сонца. Милоста нема да ја добијат оние што не ја заслужуваат, но емпатијата е тука за сите!
Одлична збирка раскази, се чита на едно седнување. Некои од приказните се необични, малку влечат кон фантазија и натприродното, но сите ја делат заедничката нишка на човечките и секојдневни размислувања, стравови, идеи...
Официјално ги обожавам расказите и приказните на Хана Корнети. Обожавам што скоро сите 10 раскази во книгичкава се бизарни, нереални, хумористични. Exactly my type! А, сепак, имаат и поента, имаат порака.
Единствено што не ми се допаѓа е тоа што не ми се доволно десет, би ги прочитала и илјада и десет да се.
Хана, се надевам ќе продолжиш да пишуваш за да имам да читам чудни, уникатни приказни кои се истовремено и одлично напишани!