Јас сум единствениот албино писател во Македонија. Веројатно и пошироко. Ама уживам кога Шоте се заебава. Неговата чудесно луда смисла за хумор е натпросечна. Понекогаш вџашува. Ама секогаш расположува.
– Колку добро изгледаш на погреб, човек да посака да умре за да му дојде албино на збогување.
Луд е.
Уметноста на пишувањето ме спаси од полудување. Ме спаси и од самоубиство. Јас сум отворена книга нераскажани приказни. Неиспеани стихови. Албинизмот е само корица.
„Албино трип“ на Александар Русјаков е и луцидно „трипање“ и возбудливо патување од внатрешниот Парнас на човекот албино до сивите ќор-сокаци на мнозинството, со попатни одморалишта во оазите на чистите души.
Александар Русјаков е роден 1977 година во Велес. Досега ги објавил збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот“ (ИЛИ-ИЛИ, 2010), романите „Тринаесеттиот месец“ (ИЛИ-ИЛИ, 2012) и „Атена со пенис“ (ИЛИ-ИЛИ, 2014).