Книгата на Павел Шатев за Борис Сарафов не е класична биографија за овој македонски револуционерен деец. Всушност, текстот претставува анализа на неговата револуционерна дејност, преиспитување на објавените трудови, написи, спомени, сеќавања и изјави од неговите соработници и современици, еден вид трактат за неговите револуционерни, морални и етички поведенија. Истовремено е и тестаментарен завет на Шатев за презентирање на вистинскиот лик на актерот што ги обезбедил парите за купување на динамитот за извршување на солунските атентати, во кои и Шатев беше еден од учесниците.