Роден е на 26 април 1931 година во с. Подгорци, Струшко. Завршил Филозофски факултет во Скопје. Работел како учител и професор во Струшко, како новинар во Радио Скопје. Бил долгогодишен директор на Меѓународната манифестација Струшки вечери на поезијата во Струга. Член на ДПМ од 1960 година. Автор е на книгите: Светулки (поезија за деца, 1957), Последниот фишек (раскази за деца. 1958), Шепоти (поезија, 1958), Шарени песни (поезија за деца, 1959), Зелени очила (раскази за деца, 1960) Луѓе со лузни (раскази, 1961), Патот до зората (роман за деца. 1962), Дружината "Братско стебло" (роман за деца, 1964), Шарено огледало (поезија за деца, 1965), Од Северен до Јужен пол (поезија за деца, 1966), Синови (роман за деца, 1968), Чекори во времето (поезија, 1971), Орвеј на бескрајот (поезија, 1971), Вода (роман, 1972), Езерски цвет (поезија за деца, 1973), Саатот кукавица (роман за деца, 1978), Свето проклето (роман, 1978), Зарек (роман, 1981), Велебилје (поезија, 1985), Јанѕа (роман, 1986), Тајни (раскази, 1989), Злодобро (роман, 1990), Езерски сон (џиновка сликовница, 1990), Чуден свет (поезија, 1991), Кој и зошто (гатанки, 1991), Прва љубов (раскази, 1992), Сили (раскази, 1992), Плетеница (поезија, 1992), Еретик (роман, 1994), Животраг (роман, 1995), Свет во свет (поезија, 1996), Блик (поезија, 2000). Добитник е на наградите: РТВ Скопје, "11Октомври", "Стале Попов", "Гоцева повелба".
Уште од одма да кажам: еден од најубавите македонски романи! Ослободен од секаква патетика. Прекрасна нарација, проткаена со богата и полнозначна лексика. Дејствието во романот се одвива некаде од Балканските војни, па сè до крајот на Првата светска војна, во крајезерското село Водец. Секое од поглавјата започнува со дескрипција на по една од сликите на селскиот сликар Столпник: со мотиви од селото, од куќите и сокаците, од пејзажите, од луѓето, добитокот... Секој од ликовите има своја опсесија: Профим сака да го купи целиот езерски брег во селото, Полин да живее само од она што го дава природата, Маруш да го спаси болниот син, Бандо да ја зачува куќата изградена на лошо место, Цанулица да има дете... и така сите се растргнати меѓу своите копнежи и заблуди. Дополнително, тука им се и војните и секојдневните убиства кои се случуваат како нормална појава и обезвреднувањето на човечкиот живот, како смртта да е најневажното нешто што им се случува на луѓето.