Кратко за книгата : Детето во снегот е збирка раскази за сите семејства чии дечиња заталкале во „студенилото на снегот“. Тоа се раскази посветени и на сите дечиња што потонале во осаменоста на „снежните виулици“, таканаречени аутизам. Психолошки и фиктивни приказни за реалноста на животот на семејствата што имаат дете со аутизам, а кои најчесто се борат сами и осамено, без помош од никого.
Детето во снегот е обид на авторката да ги прикаже борбите на овие семејства и дечиња, но и да привлече внимание и интерес кон нив за да бидат прифатени и разбрани. Вториот дел од оваа книга содржи лични сведоштва од родители на деца со аутизам, кои сакаат да ги споделат своите искуства и борбата за да ги охрабрат другите родители што се соочуваат со аутизам кај дете и да им покажат дека не се сами во таа борба; а оние неупатените, кои не знаат ништо за аутизмот, да ги запознаат со предизвиците со кои се соочуваат овие семејства.
Емилија Златкова Анастасова е родена 1982 година во Кочани. Од петтата година живеела во Пробиштип, каде завршува основно и средно училиште. Завршува македонска книжевност и македонски јазик на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Моментално живее и твори, во Велес. Автор е на книгите: „Волшебното Синџирче“ (роман за деца и млади), „Нов Ден, Нова Песна“ (поезија), „Поглед Кон Невидливото“ (збирка драми) и „Близнаци“, "Детето во снегот", "Неверство" , „Каде е зЕмили?“, „Новогодишна ноќ“, „Невообичаен Велигден“.
Искреност, очај, болка, надеж, љубов.. Се заедно измешано и прекрасно составено во толку малечка книга. Душата ме болеше дури читав, се осеќав како авторката да дошла и ми кажува се ова мене. Сакав да ја разберам, да и поможам, да ја гушнам најсилно.
И пак ќе речам ах колку малку сме едуцирани за одредени секојдневни теми, за состојби, за аутизам.. Колку ни фали емпатија, разбирање, прифаќање на различности..
Нема да должам многу, само сакам да го споделам со вас мојот омилен дел од расказот Морковчиња:
„- Да, внуче мое. Некои плодови се вкусни, но скриени под навидум обична тревичка. Но, кога подобро ќе ги откопаме, ќе најдеме прекрасен плод! - објасни дедото и продолжи: - Исто е и со твоето другарче Ангел. Тој ти изгледа поинаков од другите деца. Гледаш, сите други зеленчукови плодови растат над земјата на стебленце, ама само твојот најсакан расте под земјата, скриен. Можеби, истото е и со Ангел - тој е различен од другите деца, ама тоа не значи дека не е вреден и добар. Можеби и тој има „скриени“ вредности, поинакви од другите што некој чека да ги види и да ги цени. Твоето сакано морковче не е помалку вреден зеленчук само затоа што е скриено под земјата. Истото е и со луѓето, сите ние сме различни, некои и поразлични, ама тоа не значи и помалку вредни. Знаеш и самиот - некои другарчиња сакаат да играат фудбал, други сакаат да цртаат, трети сакаат да пеат, а Ангел веројатно умее и сака нешто друго, само вие не сте откриле што.“
Кога сите луѓе би биле како дедото на Марко, светот би бил поубаво место за живеење.
Да се пишува за болката и надежтта, да се пишува за љубовта- се е напишано во овие кратки но значајни раскази за соочувањето и прифаќањето на аутистичниот спектар во кругот на семејството. Подршката на заедницата е незначителна за родителскиот систем од страна на проширеното семејство како и општествената заедница. Потребна е поголема свесност и заангажираност на сите членови на општеството да го направиме животот на децата и родителите поедноставен и посигурен! Книгата е поттик да се научи повеќе за аутизмот, поистоветувајќи се со ликовите од приказните да откриеме сила и начин да им овозможиме на дечињата, како и на родителите, полесно да ги пребродат секојдневните животни тешкотии.
На моменти премногу симплифициран пристап за една мошне сериозна тема. Преголемо мешање на религискиот поглед во наративот во голем дел од расказите/"сведоштвата", без поконкретен приказ на борбата на родителот и детето со светот. Авторот пребргу преминува (некогаш с со една реченица) преку реално преземените чекори за справување со оваа состојба, како на родителите и семејствата, така и на децата со аутизам. Наративот е воглавно описен, што напати го прави здодевен. Авторот треба да поработи на стилот на пишување, да го осовремени, во склад со современите текови во литературата кои диктираат "не опишувај, покажи што се случува".
This entire review has been hidden because of spoilers.