Книгата „Дом / идентитет“ содржи дваесетина есеи и студии кои се напишани во периодот од 2001 до 2005 година, посебно значаен за современата македонска историја. Станува збор за истражување на денес мошне актуелната проблематика на културниот идентитет, со посебен акцент на Балканот, граничните култури и границите, како и метафората на домот, домовноста, (не)вдоменоста, егзилот, прогонството и миграциите - состојби што суштествено ја обусловуваат егзистенцијата и културата на современиот човек.
Литературна критичарка и теоретичарка. Родена во Охрид, 1961. Професорка по Теорија и методологија на проучувањето на книжевноста на Катедрата за Општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот Факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Дипломирала на Катедрата за компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Магистрирала на Филолошкиот факултет во Белград во 1989 година, на тема: „Типолошки модели на македонската книжевна критика“. Докторирала на Филолошкиот факултет во Скопје во 1998 година на тема „Од дијалогизмот до интертекстуалноста (од Михаил Бактин до пост-структуралната критика)“.
Во своите критички и теоретски есеи, Шелева го применува поструктуралистичкиот метод во анализата на литературата, театарот, филмот, стрипот, ликовните уметности, фолклорот и кичот, комбинирајќи ја компаратистиката со културните студии, родовите студии, постколонијалната теорија и сл.
Членка е на Независните писатели на Македонија и на Македонскиот ПЕН Центар.
Авторка е на преку 120 трудови и 7 книги од областа на книжевната критика и теорија: - Компаративна поетика (постмодернизмот во македонската фикција/новела) (1996) - Книжевно-теориски студии (1997) - Културолошки есеи (2000) - Од дијалогизмот до интертекстуалноста (2000) - Заробеници на денот (избрани колумни) (2001) - Отворено писмо (студии за македонската литература и култура) (2003) - Дом/Идентитет (2005)
Преводи: - Растко Мочник, Теорија за денешно време (1999) (од словенечки) - Гиги Тевзадѕе, Знаци на иднината (2000) - Џудит Батлер, Проблеми со родот (2000) - Карл Попер, Непрекината потрага (автобиографија) (2001)