Три години по завршувањето на Хипатискиот конфликт, посадата на бродот „Гарибалди“ добива нова задача. Овој пат наредбите стигнуваат од никој друг, туку од еден од нивните заколнати непријатели – триумвирот Бонапарта. Капетанот Тиран Фалко и неговата посада треба да одат на планетата Лаланд, на светот кој е под вечна блокада и под изговор на посредништво, да убијат еден од локалните воени господари, човек кој може да ги помати долгорочните планови на Триумвиратот. Во светот каде владее религиско средновековие и поинакви правила на живот и смрт, посадата треба да ја изврши својата задача и притоа да остане жива. Но, нивните непријатели не мируваат… на далечната Каталеја, посрамената триумвирка Софија Августа Фредерика, реинкарнирана личност на руската царица Катерина Велика, ја кове својата одмазда против капетанот Тиран Фалко... Но, Универзумот мисли поинаку… Ниту за неа, ниту за храбрата посада од „Гарибалди“, работите не се одвиваат според планираното. Привидниот мир на Востановените светови на Човештвото може да заврши пред да почне.
Роден е во 1981 година во Битола. Основно и средно образование завршил во Ресен, дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Живее и работи во Ресен, Македонија. „Сага за Тројство“ (ПНВ Публикации, 2018) е негово прво објавено дело. Серијалот „Последна граница“ е составен од деловите: „Истапени сечила“ (август 2019 год.), „Бунар оловни солзи“ (септември 2021 год.), „За грст пекол“ (август 2022 год.), „Калени во крв“ (април 2024 год.) и петтиот и последен дел со наслов „Кобалтна плима“ излезе од печат во август 2025 година. Првиот дел од новиот серијал „Хрониките на Гарибалди“, со наслов „Децата на Митридат“ е завршен и треба да излезе од печат пред крајот на 2025 година. Моментално работи на вториот дел од серијалот со работен наслов „Пурпурен гамбит“.