Расказите на Иван Додовски се истражување на човечката егзистенција во преломно време на конкретен простор. Низ призмата на сегашниот миг се прекршуваат и минатите времиња, па често времето на транзицијата е точка во која се сечат линиите на надежите на револуцијата, разочарувањата на четириесет и осмата, живеењето и преживувањето во периодот на социјализмот. Низ расказите дефилира галерија ликови што авторот ги портретира гротескно и хиперболично, онеобичувајќи ги така нивните судбини.
Ликовите секогаш се во сооднос со моќта (сфатена на начин на кој за неа пишува Мишел Фуко), но дури и кога ѝ се спротивставуваат, тие се однесуваат според правилата што таа ги пропишува, станувајќи дел од нејзината машинерија.
Прозата на Додовски е обликувана со вешто користење на јазикот, со богатство на лексиката и со виртуозно поигрување со реченичниот ритам.
Естетското рамниште на расказите од Додовски им обезбедува важно место во новите текови на македонската проза.
Иван Додовски е роден на 17 април 1974 година во Битола. Основно образование завршил во Битола. Матурира во САД. Дипломира на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата општа и компаративна книжевност со американски студии. На истиот факултет магистрира на тема од областа на наратологијата.
Објавил три поетски книги: Седенка со ликот (изд. Клуб на писатели - Битола, 1991), Луда луна (изд. Зумпрес, 1995) и Света лудост (изд. Култура, 1999). Стихови од неговите книги се преведени и објавени на англиски, хрватски, албански, бугарски и романски јазик. Застапен е во три антологии на современа македонска поезија. Добитник е на „Прва награда за поезија“ на Интернационалниот фестивал на млади европски писатели „Понтес“, одржан во Крк, Хрватска, 1999 година. Автор е на теориската студија Наративни стратегии во психолошкиот роман (изд. Култура, 2004). Приредувач е на изборот кратки раскази од млади македонски раскажувачи Некои мали работи (изд. Студентски збор, 1996). Го составил и уредил зборникот со експертски трудови Мултикултурализмот во Македонија: модел во настанување (изд. ФИООМ, 2005).
Редовен член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2002 година. Објавува книжевни трудови и есеи, како и театарски критики во неколку списанија и весници во Македонија и странство. Докторант е на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија, каде што живее од септември 2005 година.
Големиот куфер (изд. Темплум, 2005) е прва негова прозна книга.
Девет кратки, ударни раскази. Многу ми е мерак што ми падна в раце книгава, посебно што ретко ваква книга од македонски автор да ми пробуди некои мигови кои се драги за мене. Последниот расказ Ново ќебе со филџаните ме потсети на баба ми. Моментот со електичното ќебе, навистина доловува една слика од еден перид за кој несомнено и денес го има. Да се купи или не, да се навлезе во размислувањата на луѓето, да се сфатат некои нивни навики и состојби..
Да не ја должам, ќе издвојам една реченица: ,,Мамето ќе ви го расплачи новиот капитализам!”