Романот што започнува како потрага по личните приказни на сезонските работници во Сплит, Република Хрватска, неочекувано го менува правецот во вивисекција на човештвото и соочување со болката од исчезнатите морални вредности. Во ослабена физичка, и дискутабилна ментална состојба, протагонистката низ едно деноноќие се соочува со неморалното и срамно однесување на поединците за кои вели дека се производ на разнишаните општествени столбови и се директна закана за опстанокот на човекот како разумно суштество. Романот е критика на современото општество, а истовремено и моќен глас во копнежот по чесност, вистинољубивост и праведност. Дејството е базирано на вистински настани кои се случуваат во август 2023 и настани од последната декада во истиот град.
„Да бидам меѓу своите… Со баботењето во главата, крцкањето во ушите, затнатоста на носот и грлоболот − не сум ни своја! Но, мајчинскиот инстинкт ме придвижува. Со сета сила, сила сум за нив. И во едно сум убедена: знам каде ми е местото. Јас припаѓам овде, меѓу децата. Тука е моето сигурно место.
Други чувства и огнови ме гореа што се решавам сепак да пишувам за нив. Морам да го средам хаосот во мислите настанат под притисокот на главоболката и да не дозволам грозницата да ми го помрачи умот. Раката ми трепери. Отпивам од топлиот чај внимавајќи да не истурам врз тетратката. Прополката што ја шмукав не ми помогна многу. Воопшто.
Дали сум можеби јас сега, во оваа вечер, тој осамен и отуѓен човек, чудовиште со капацитет на насилник во обид да се спаси човечноста?! Ми доаѓаше да викнам по сите тие ноќни ѕверови, но премолчев. Дали само помислив, премолчев, или зборовите ми излетаа од устата? Не можам точно да одредам затоа што мислите ми станаа премногу гласни. Ми татне главата. Замижувам“.
Снежана Младеновска-Анѓелков е родена 1977 година во Скопје. Дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето “Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа” се стекнува во 2012 година. Има долгогодишно работно искуство на телевизиска монтажа и креативно обликувала преку 500 документарни филмови, репортажи, патеписи…
Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ ја добива наградата „Роман на годината“ на Утрински весник za 2011 година, со што таа стана првиот дебитант кој се закити со оваа најважна прозна награда во Македонија. Книгата во 2012 година доживеа и второ издание, а во 2016 и трето.
Во 2014 година ја објавува и книгата “Слики со животна уверливост”, теориски труд кој не само што го објаснува процесот на филмската монтажа како важен творечки сегмент во аудиовизуелното обликување на документарниот филм преку анализа на делата на Владимир Блажевски, туку се обидува да укаже и на важноста и нужноста од авторски документарни филмови во Македонија.
„Јод“ е навистина краток роман (само 94 странички), но успева да начне многу теми низ нив. Ниту една од темите нема „епилог“, односно не одговара на некакви прашања, туку само ги поставува, што потиикнува дискусија подоцна од страна на читателите, па верувам дека затоа намерно се така оставени. Личи на автобиографска приказна, зашто опишува едно деноноќие (или две, не сум сосема сигурен) на авторка која е на резиденцијален престој во Сплит, Хрватска, за време на летните месеци кога е екот на туристичката сезона (исто како што и Снежана Младеновска Анѓелков била во книжевна резиденција во Сплит додека ја пишувала оваа новела). Авторката (раскажува во прво лице) имала на ум да пишува роман за македонските печалбари кои летните месеци ги поминуваат во Хрватска за да остварат поголема заработка, но наместо тоа, не можејќи да оствари средба со некои од нив, во романот кој го пишува раскажува за себеси, за настинката која полека ја зафаќа и ја става во полусвесна, луцидна состојба додека лута по улиците и плажите низ Сплит, за своите деца, сопруг, за она што го среќава низ Сплит - туристите и Сплиќаните, но и се навраќа на моменти од своето детство. Искрено, не ми остави некој особен впечаток и веројатно брзо ќе го заборавам, но во секој случај, според мене, ова е позрело дело, покомпактно и повеќе наликува на роман од „Единаесет жени“ - единственот0 нешто од неа што претходно го имам прочитано. Размислував да дадам 3 ѕвездички, но на крајот од романот има една кратка фантастична епизода која многу ме потсети на фантастичните раскази во стилот на Хофман, на пример, и која многу ми се допадна, па затоа една солидна 4/5 оценка од мене. Сметам дека ќе беше далеку поубав роман доколку се фокусираше само на една тема, вака се чини многу расплинет на малку страни и изгледа ко да му фали фокус. Или, да беше барем 50-тина странички подолг и да се обидеше подолго да се задржи на некои од темите, мислам дека пак ефектот ќе беше појак. Но солидно, зрело, во секој случај!