Меланхолична приказна за еден 50-годишен сицилијанец, кој е разведен од сопругата и отуѓен со син му со кој има сѐ помалку контакт. Во обид да се пронајде себеси и да добие нова цел во животот, ја напушта работата во рудникот и заминува на еден остров заедно со неговиот долгогодишен пријател чија сопруга умира, така што и двајцата немаат некој посебно за кој би останале во родното место…
Главниот лик е олицетворение на голем број од денешните луѓе ширум светот, со неговата секојдневна монотоност и изгубена емпатија, но и симбол на истрајноста и пронаоѓањето на малку надеж за подобро утре во најнеочекуваните места и ситуации.
Преполна со стилски фигури, особено компарации, епитети и метафори, книгата е раскажана толку “богато”, што предизвикува уживање при читањето и позитивни чувства дури и во потешките делови. Неколку пати низ книгата се цитирани делови од други книги, како и стихови (или цели текстови) од песни, кои дополнително ја збогатуваат приказната и го објаснуваат нејзиниот тек. Мене лично најмногу ме изненади и израдува вклучувањето на “There Is a Light That Never Goes Out” од The Smiths 🙌🏻
Ова е само втор роман на авторката, издаден неодамна (првиот е издаден лани), но тоа е факт кој воопшто не се забележува ни во начинот на пишување, ниту во самата приказна и изгледа како роман од долгогодишен писател и љубител на книжевноста воопшто ✨
Мора да признаам дека секој пат кога ќе земам во раце книга од македонски автор сум скептична. Можеби е тоа бидејќи повеќе очекувам од нив. Но, верувале или не, сè повеќе и повеќе сум изненадена и воодушевена. Таков е случајот и со Јасмина Атанасова. Нејзиното дело можам да го ставам во групата на величенствени дела! Книжевно дело кое плени со беспрекорни описи и маестрално избрани и употребени зборови кои не знаев ни дека постојат. Еве еден таков "Утрото почнуваше со обљуба". Маслосаните коси на облаците не дозволуваа да се види сочниот лик на денот, кој грчевито преташе позади габаритните, збиени плеќи на белите насилници. Денот лесно не се предаваше." Ако ме прашате што е тоа што мене лично најмногу ме фасцинира кај оваа авторка, одговорот е следен: Како е возможно жена како Јасимина, која ја носи својата насмевка како најубавиот накит, на толку длабок и трогателен начин да ја опише душевната и психичка состојба на Гвидо Гали? Да се стави во улога на маж и да успее да ни ја претстави толку веродостојно неговата психичка состојба. Во оваа книга ќе најдете многу, навистина многу мудри мисли, па затоа не штедете ја книгата и забележувајте си ги бидејќи ќе сакате за некој одреден период повторно да им се вратите. Јас ќе издвојам еден од поомилените: "Велат дека надежта успокојува. Но јас мислам дека вербата е нашата неприкосновена моќ. Тоа недопирливо чувство дека си направил нешто навистина одлично.Кога не ти треба некој друг да ти го потврди тоа. Тоа чувство е неотуѓиво твое."