Мојата животна приказна: сексуалното и менталното злоупотребување во детството и младоста, борбата со ракот и преживување на траумите.
Безсловен е автобиографско писание, вклопено во рамка на сирова искреност. Една тегобна реална слика, насликана со скрб, крв и солзи. Со делото авторот се обидува да се исцели себеси, но и да помогне на сите оние кои го преживеале истото и сè уште се борат во сенките на четириѕидовниот затвор на својот ум.
Испреплетените приказни низ годините делуваат како исткаени моменти, кои како да не припаѓаат тука, на Балканот. Една разнобојна таписерија, која започнува во 2019 година кога авторот дознава дека има канцер. Канцерот е како еден катализатор за да може како од Пандорина кутија да се излеат сите болки, тајни и трауми од минатото. Поточно шест трауми и големи лузни од минатото, сокриени во шест сандаци: менталното и физичкото злоупотребување од страна на негувателките од градинка и од сопствените баба и дедо, кои со жилети му го сечеле јазикот, злоупотребување од страна на таткото алкохоличар, сексуалното злоупотребување од 8 до 10 години од страна на сосед, што впрочем е и најголемата траума во делото и околу кое се прилепуваат сите останати, и врсничкото физичко и ментално насилство (булинг) во основното и средното образование.
Време е и на овие наши простори да за’рти дело кое ќе изникне и ќе се издигне над сите табуа кои нè чувале под стеги; да се зборува за сите овие нешта (особено за сексуалното злоупотребување), за да може некое дете, некоја возрасна личност, некоја социјална група, да се излечи. Делото е еден вид на водич како да се адресираат траумите кои ги чуваме сите; совети дека е сосем во ред да се разговара за тоа, бидејќи преку зборувањето и откривањето, ние се лечиме.
Оваа книга која секој мора да ја прочита, затоа што е искрена исповед за сѐ низ кое едно дете, еден тинејџер, еден млад човек може да искуси во ова наше државиче и да се избори со секој предизвик фрлен пред него. Ова е приказна за борба, за истрајност, за љубов и пријателства, за она што треба да го бараме во животот за да нѐ извлече од најтемната дупка и да ни помогне пред искушенијата.
Ова е потсетување дека никогаш не сме сами, дека некој го преживеал она со кое се бориме и дека не треба да се откажуваме.
Автобиографии не ми се баш многу омилени искрено. Некако сите тие "мотивациски" приказни на успешни луѓе со совети како да успееш во животот ми се нереални.
Но, оваа книга...оваа книга е се она што останатите не се. Оваа книга е полна со контрасти, кои целата слика ја прават да пренесат моќна порака до читателите. Оваа книга е страшна и прекрасна. Оваа книга буди гнев и ти го смирува. Оваа книга ти ги руши надежите, а потоа ти ги дава во поголема мера. Оваа книга е црна и е бела. Да се навратам на првата реченица од овој пасус, оваа книга е се што останатите не се...оваа книга е искрена, реална. И оваа книга мора да се прочита.
Сите ние си имаме сопствени демони со кои војуваме, но авторот своите ги направи пепел. Не му треба да биде "Супермен", тој е веќе помоќен од сите постоечки суперхерои заедно.
Книгата беше лесна за читање. Скоковите минато-сегашност-иднина воопшто не ми сметаа и беа лесни за следење.
Му посакувам се најдобро на авторот и едвај ги чекам сите оние книги кои ги најави во оваа автобиографија (и многу повеќе) да бидат напишани за да ги прочитаме.
,,Битисуваме во свет полн омраза, каде сега е толку лесно да се мрази, а тешко да се љуби, и уште потешко да се прости."
Во оваа книга Кирил ја пренесува неговата животна приказна. Сè почнува во 2019 година, кога дознава дека има канцер. Како тоа да беше клуч со кој му се отвори Пандорината кутија и ги ослободи сите трауми кои тивко ги потиснувал во себе. Една по една, испливуваат во неговиот ум и не му даваат мира. Сфаќа дека мора да собере сили за да се бори со болеста, ама прво мора товарот да го остави зад себе. Па така, почнува да ги отвара сите сандаци, шест на број, и да се збогува со нивната содржина и тежина.
Што да кажам за ова дело? Што да ти кажам тебе, драг Кирил? Како да ти кажам дека срцето ми го распарчи? Како да ти кажам дека душата ме боли за тебе и со тебе? Како да ти кажам дека нема ден а да не помислам на твојата прекрасна светлина? Како да ти кажам дека неколкупати по завршувањето на книгата отворив пораки да ти пишам дека ја завршив, ама секојпат само немо гледав во цртичката што трепка? Дека премногу ти се восхитувам за твојата храброст, вера, светлина и СИЛА. Бескрајно ти се восхитувам за чистотата која ја имаш и покрај тоа што беше опкружен со ѓубре. За тоа како го гледаш светот околу тебе, дури и покрај тоа што ти требаа 29 години за да си цел.
Камо да го имав талентот на Кирил за пишување, ќе можев барем малку да се доближам до големината на ова негово прво издадено дело. А, не можам да молчам, бидејќи сметам дека секој треба да дознае за него. Стилот на пишување е толку поетичен, што го чувствуваш како пријатно ветре во летните ѕвездени ноќи.
Кирил ги споделува своите трауми, кои, за жал, сè уште се табуа кои ни ги трујат душите и претставуваат окови кои длабоко нè закопуваат во ова труло општество. Зборува за менталното и физичкото злоупотребување, за справувањето со насилниот татко алкохоличар, за сексуалното злоупотребување, за врсничкото физичко и ментално насилство и за соочувањето со канцер. Работи кои никој не треба да знае што значат, а не да ги преживее. Низ страниците се редат една по друга и со тоа Кирил пренесува многу емоции и чувства, а тоа го прави на многу моќен начин. Овие храбри сведоштва кријат утеха меѓу страниците. Ова не е само обична книга, туку извор на светлина која влегува во напукнатите линии на душата на читателот и му шепоти дека не е сам/а. Пренесува многу пораки и животни лекции. Ги охрабрува сите оние кои сами го носат товарот да побараат помош. Да зборуваат гласно и да ја споделат болката, бидејќи ниту во еден момент не се сами, и дека има многу добри души кои можат да ги излечат.
Не знам зошто ама дрвото не можам да го извадам од глава, како тоа да беше еден клучен момент за Кирил, ама и за читателот. Како една метафора за моментот кога душата на човека се крши и моли за олуја за да знае дека не е сам во очајот. Да најде надеж во тоа што таа носи после разурнувањето. Како виножитото после дождот.
Јас не знам како да ја опишам мојата восхитеност од Кирил. Неговата прекрасна и нежна душа, неговото добро срце, љубовта која и покрај сè ја има во себе и несебично ја дели. Љубовта кон животните, книгите и пишаниот збор. Љубовта кон луѓето и емпатијата. Љубовта кон животот, неговата сила и вера.
Многу ми е мило патешествието во Ерусалим и сите небесни знаци кои само ја зацврстија неговата вера во Бог. Со самото сведоштвото на благодатниот оган, пламенот на себеоткривањето се рашири и во него. Прекрасен миг!
Книгата ја читав со огромна грутка во грлото и реки од солзи. Кирил виртуелно го запознав кога ја најавуваа неговата книга, а се чувствувам како да го знам цел живот. Во себе има една блескава светлина и без да е свесен за тоа ја шири во еден прекрасен мир. Со затворањето на последната страница никој нема да остане ист човек бидејќи ова е книга која те менува.
Не можам да престанам да мислам на писмото до малиот Кирил и посакувам да можев да се вратам низ времето за да го гушнам да и да му кажам дека еден ден ќе биде цел. Дека сè ќе помине, сè ќе биде добро. Дека ќе прерасне во еден прекрасен човек кој има толку многу да му понуди на светот.
Ти благодарам, Кирил! Ти благодарам што го сподели твојот товар со нас, со светот. Ти благодарам што никогаш не се откажа и што се бореше со секој атом во твоето тело. Ти благодарам што си толку прекрасен во секоја смисла на зборот. Никогаш нема да знаеш колку ми значат твоите зборови. Те молам никогаш не престанувај да твориш.
,,Безсловен" е моќно дело кое поместува граници. Ја препорачувам со целата моја душа.
Книга која што додека ја читаш чувствуваш грутка во грлото, болка во душата и се прашуваш како може животот да е толку неправеден посебно кон едно дете, но толку убаво напишана што на самиот крај добиваш утеха од писателот и чувство дека и ти имаш потреба да им простиш на оние кои што го повредиле.
" Во ниедна борба не постои скратен пат.Постои само пат кој мора да биде изоден. "
Пред се едно големо браво и респект за нашиот автор Кирил Ангелов за храброста да ја напише оваа своја автобиографска книга и да ни ги открие сите свои болки, тајни,трауми, патешествија и борби во животот со кои тој се соочил.Пред се да ги охрабри луѓето да не молчат и да проговорат за своите најдлабоки трауми и да се исцелат.За тоа не само храброст треба и повеќе од тоа поклон да земја. 💛Ти си мојот и нашиот херој,борец,маж во вистинска смисла на зборот! 👏👏👏💛💛💛
Безсловен е книга која ви дава ново гледиште на светот и животот,книга која ви дава надеж за поубаво утре.Книга полна со емоции од кои сеуште имам кнедла во грлото,ама и восхит кон храброста,борбеноста и големината на овој прекрасен човек. Безсловен е синоним за храброста, борбеноста, издржливоста, огромната верба во Бога, простувањето..Книга која ни докажува дека животот е борба од која никако не смееме да се откажеме без оглед на се..💛
Животна приказна која ќе ве трогне од дното на душата и срцето,вие читате,а солзите сами течат... Читајќи ја оваа животна приказна се запрашав како може животот да нанесе толку болка на едно невино дете кое заслужува да гледа само сонце ,среќа,радост,љубов и насмевки.Поминав низ лавина од гнев кон луѓето што така постапувале кон тоа невино дете...Како,зошто,зарем е можно? Во шест сандаци скриени трауми од менталното и физичкото злоупотребување на воспитувачките во градинка, од бабата и дедото ( сцената никогаш нема да ја заборавам). Малтретирање од страна на такото алкохоличар,сексуалната злоупотреба од страна на " Сеништето" ( мојот ум не може да прифати како постојат вакви изопачени умови и за жал слободно се шетаат насекаде) и булингот во училиште ( пред кои сите затвараат очи зошто? ).
И како се оваа да не било доста авторот се соочува со битката со најстрашната и опака болест ракот и ред други нешта и состојби... Во оваа патешествие најголемата поддршка ја наоѓа во мајка му,неговото куче Аро,неговите блиски пријатели,црквата,Бога...Поминува низ доста тешки времиња низ целиот свој живот и тоа што ме воодушеви посебно е тоа што во неговото срце царува љубов,верба во Бога,надеж,а и место за простување и за оние кои му нанеле најголемо зло.Како Кирил се справил со своите трауми и битки во животот ве оставам да си прочитате... Кирил е личност со срце и душа големи како планина,човек силен како карпа, едноставно не можете,а да не го сакате..💛
" Простувањето значи препуштање,за да ги ослободите нив и да се ослободите себеси. А со таа слобода,доаѓа мирот, доаѓа љубовта."
Безсловен е ремек дело полно со емоции, книга која е ризница на мудрости,книга која секој треба да ја прочита.. СВЕТСКО,А НАШЕ 💛💛💛
" Добро е да се научиш да наоѓаш радост и покрај многуте жалости.Со тоа, не само што ќе си помогнеш себеси, туку можеш и на другите."
" Бог ги дава најтешките битки, на своите најхрабри воини."
Книга што отрезнува, што боли, што лечи. Браво за Кирил! Му посакувам многу успешно реализирани дела. “Безсловен“ не е книга што лесно ќе ја заборавам. Мене што ми е важно во една книга, а тоа е да доаѓа од длабоко место во авторот, убав стил (авторот е многу успешен наратор на својата приказна, а како и не би, кога доживеал на своја сопствена кожа) и да има ем темнина, ем светлина. Оваа книга ги исполнува сите овие параметри. Кирил е човек што го пронашол единствениот правилен излез од лавиринтот на темнината и му посакувам секогаш да остане на топлината на сонцето, доста беа зими во неговиот живот. Честитки пријателе.
И покрај тоа што е тешка за читање, книгата не се испушта од раце. Со читањето како да сакаш да му олесниш на малиот Кирил, да му ги преземеш сите болки, да му овозможиш да има среќно и безгрижно детство какво секое дете заслужува. Да му ги откорнеш сите страдања од душата и телото и да му ја дадеш сета љубов на светот. Да го држиш во прегратка додека не заспие и сонува најубави сништа. Книга која е исповед, книга која боли, книга која подучува, книга за прошка, истрајност, верба и љубов. Задолжително четиво за сите возрасти зошто сите имаме што да научиме од неа.
2,5 Сакав да прочитам некој актуелен македонски автор.Оваа книга ја имаше во библиотека и неа ја земав.Не знаев ништо ни за книгата ни за авторот. Испадна дека ова е животната приказна на Ангелов.Навистина треба одредена доза на храброст за да се пишува на темите за кои тој овде пишува.Верувам дека не е лесно пред цела публика да се признае дека како дете си бил сексуално злоставуван и отворено да се зборува за своите трауми. На страна потребната храборст,цело време додека ја читав книгата имав чувство како да гледам куче кое си ја брка опашката.Премногу повторувања на исти работи.Траумите кои ги преживел авторот се наброени речиси на секоја 5та страна.А на толку многу повторување на траумите некако сепак имам впечаток дека само површински ги начна.Друго што не ми се допадна е тоа што целата книга сите негови искуства ни ги прикажува премногу мелодраматично, на моменти оди дури до патетика.Разбирам јас дека некои од настаните се прашања на живот и смрт за авторот и тогаш таа мелодраматичност е ОК,но тој го користи истиот тон цело време. Шетањето низ времето исто многупати ми се чинеше непотребно и на моменти збунувачко.Де сме во 2022,де сме 2019 де сме 2013 година.Според мене сосема непотребно беше тоа во раскажувањето.Приказната ќе беше иста и ако одеше линеарно по ред. Деловите кои се најдобри во книгата се деловите кога авторот е во болница.Кога со операција му го отсрануваат туморот а особено делот кога оди на хемотерапија.Тука Ангелов успева целосно да ја долови атмосферата во болницата и мене како читател да ми ја пренесе неговата напнатост,неговата анксиозност и стравови а тоа според мене е одлика на талентиран писател. Тоа е,книгата би била многу подобра кога би била подобро едитирана и речиси на половина скратена.Во книгата Ангелов спомнува дека е љубител на Фантазија и мислам дека би читал негова книга што е некоја епска фантазија.Неговиот поетичен стил баш ќе одговара.
Огромна храброст е потребна да се пишува на овие теми во Македонија (физичка, психичка, сексуална злоупотреба), благодарна сум што авторот ја напишал и драго ми е што завршува на позитивна нота.
Стилот на пишување малку делува незрел односно како претерано да се труди дополнително да додаде метафори и понекогаш непотребни опишувања, многу често има повторување на истите мисли по неколку пати низ целата книга кои доволно биле впечатливи за да бидат опишани само еднаш. Тоа е разбирливо имајќи предвид дека е прва издадена книга, но сепак би ја скратила барем за 20-30%.
Ми се допаднаа деловите со патеписите, умешното скокање низ времето и допишувањата помеѓу другарите кои имаа доза на (црн) хумор и некако делуваа поприродно од остатокот на прозата. Иако не сум верник и навистина не ја разбирам слепата верба на авторот, јасно е дека тоа му дава многу утеха и помош да се пребродат сите трауми, па се важен дел од наративот. Преубаво се опишани односите со мајката, кучето и вистинските пријатели, додека некако делот со Танатос и Хипнос ми беа вишок.
Приказната е навистина трогателна и неверојатна и вредело сосема да се напише, верувам дека и самото пишување помогнало доста во пребродувањето.
Сѐ на сѐ книгата е одлична, неверојатна, интроспективна, трогателна и поучна.. дури и би ја сместила како важна за секој млад човек да ја прочита. Сигурна сум дека и стилот на пишување допрва само ќе се подобрува.
Наместо рецензија, со вас ќе ја споделам мојата инспирација што дојде од читањето на оваа книга:
Посакувам барем за миг Бог да ми даде сила, Да можам злото да го сопрам На злобните душата да му ја исчистам, Со семе од добрина да има ја посеам, За убавината на доброто да ја видат. Посакувам барем за миг Бог да ми да сила, Да можам на оние лошите Срцето од гнил да им го исчистам И семе од љубов да им посеам, За да мажат да видат Што значи чисто срце да имаш. Посакувам барем за миг Бог да ми даде сила, Да можам на сите болни Болеста да им ја земам, Здравје да им подарам, Грижите да им ги соберам, Насмевка и среќа да им подарам. Посакува барем за миг Бог да ми даде сила, Да можам на оние Што деца нејќат, Љубов детска да им посеам Па да видат љубов што е, Среќа што, Восхит што е. Чистина и спокој што е. Посакувам!
„Безсловен“ со својот интимистички дискурс е мемоаристичка проза со силен автобиографски призвук. Оваа несекојдневна, посебна и длабоко емотивна книга од Кирил Ангелов уште од самиот почеток го остава читателот занемен од тешките и мачни собитија со кои овој млад човек се соочил. Во едноставноста и леснотијата со која е напишана се согледува решеноста авторот да се пресмета со себеси и, само на навидум едноставен начин, да се соочи со сите неубави нешта кои ги доживеал. Во сонцестојот на есента тој ги ниже болките една по една и во наизменичната промена на топлината со студот го чувствува на себе, на сопствената кожа, доброто и злото што се менуваат, како на филмска лента. Во својата болка тој е сам. Соочен е со неа и единствениот сведок на таа болка е само Бог. Во склопените раце на детето Кирил е сета суштина на нашето постоење. Во тој повик Бог да му помогне е испишана сета безловност на таа невина детска душа. Ако поетскиот великан Анте Поповски преку поетскиот збор гори и се пресоздава во јаглен и тој јаглен во допир со огнот одново оживува, а поетскиот маг Ацо Шопов гори заедно со песната во огнот што го запалила сама, во нас тлее прашањето: Зошто безловен? Дали во отсуството на зборот кој е во Почетокот и во Бога и Бог беше Словото, се крие одговорот на ова прашање? Одговорот веројатно само Тој го знае. Авторот минал низ низа тегобни настани за да дојде до својата вистина. Тој со своето дело се преродил и Божјиот збор му помогнал во тој процес. Божјиот збор, праисконскиот збор, зборот – создател му бил водилка, му бил светлина на крајот на мракот, на темнината која ја осознал и која го обвивала од многу млада возраст. Лечебноста на зборот ја познаваат многу наши поети и писатели. Во суштината на ова писание е поетската нишка на Ангелов кој преку Божјиот збор успева својата тага, својата болка да ја изнесе јавно, пред сите нас и со кажаното да нѐ стаписа, да нѐ помести тектонски од нашето, сопствено тежиште. Тишината од која е родена оваа книга конечно гласно ја соопштува внатрешната суштественост на човечката болка, на болката на едно дете, на еден млад човек. Но, „Само страдалникот ја знае својата неволја“, се вели во Книга Јов и секој околу него може само да ја претпостави силината на неговата болка, на неговата несреќа. Кирил долго време е осамен и единствен сведок на своите болки. Оваа книга нѐ соочува со нас самите. Таа е гласен потсетник за тоа колку ние сме подготвени да ја видиме и вистински да ја почувствуваме туѓата болка. Ова книга е еден голем прашалник, едно големо огледало – каде сме ние? Колку ние сакаме да се соочиме со туѓата болка и за момент да го ставиме сопствениот центар кој е насочен на нас самите и да помогнеме на другиот? Авторот на оваа книга е во суштина среќен човек зашто сѐ додека околу него се вистинските луѓе, вистинските пријатели тој нема да биде сам, нема да биде без Божјата светлина. Со светлината на неговите пријатели што го осветлуваат неговиот пат и со тоа го прават полесен, но и непријателите кои му покажуваат каде не треба да оди, тој е едноставно исполнет човек. Живееме во едно време – невреме кога околу нас владее завист, злоба, љубомора и бесчувствителност. Оваа книга е сведоштво за мрачната реалност во која живееме и нè соочува со таа реалност директно барајќи да ја погледнеме во очи. Оваа книга нема за цел да биде прирачник за самопомош. Таа го насочува вниманието кон болното месо на општеството, кон хаосот, кон бесчувствителноста, кон егоизмот и егоцентризмот. Пораката што оваа книга ја носи е дека зборот секогаш треба да се слушне и секогаш треба да се каже зашто на тој начин може да се застане на патот на злото. Само со висока свесност и поголема емпатија можеме да го направиме нашиот свет поубаво место за живеење.
Безсловен е една навистина трогателна, многу емотивна животна приказна која од самиот почеток ни ја отсликува тажната вистина зад која се крие секоја човечка траума поттикната од подмолниот пристап на нашето општество а воедно и суровоста на самиот живот, злобата во меѓучовечките односи( како булингот) неправедноста и воопшто злобата во некои од луѓето, браво за авторот што успеал да ја долови својата приказна на најдобар можен начин! :)