За овој роман писателот Јован Павловски вели: И во „Самоубиство на глувците“лесно се препознава писателот Јован Дамјановски: тоа е оној негов свет на мали луѓе во мало место, шибани од судбината.Свет на сиромаштија, на трагична испреплетеност на општествените и економските претпоставки за една скромна макотрпна живеачка, меѓутоа, и на огромна човекова љубов. Јован Дамјановски и во овој роман како и во неговите претходни дела суптилно и вознемирено ги следи драматичните пресврти на луѓето од неговиот роден град, од Тетово, претворајќи го градот и неговите жители во мал микрокосмос, препознатлив со општочовечките страдања на луѓето, по нивната секојдневна грижа. Секогаш кога го читам Јована Дамјановски размислувам за тоа колку оваа наша живечка е исполнета со печал и постојана борба. Тоа говори за сугестивноста на неговиот пишан збор, за вознемирувачката атмосфера што се шири од неговите романи, од неговиот најнов ракопис „Самоубиство на глувците“ исто така. Јован Дамјановски е еден од типичните претставници на реалистичната нарација, раскажува мирно и спокојно. Тематски, романот „Самоубиство на глувците“ внесува нова вертикала во современата македонска проза - печалбарството од современ вид. Тоа се голем број човечки судбини, драми и светови на луѓе што го напуштаат домашното огништеод разни причини, уверени дека нивната судбина на глувци во нови услови ќе се измени. Следејќи ја судбината на личностите во поманот се открива метафоричното значење на глувците и змиите во природата, поточно: за тоа дека нема силни и слаби, туку само среќни и несреќни.
Јован Дамјановски е роден во Тетово на 15 јануари 1946 година. Основно и средно училиште завршил во родниот град, а Земјоделско – Шумарски факултет на универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. На магистерски студии по агроекономика, на макроекономската насока, магистрирал во 1989 година. Во Институтот за социолошки и политичко правни истражувања на Универзитетот Свети Кирил и Методиј , во 2005 година, ја одбрани докторската дисертација на тема: Менаџмент на користење и комасацијата на земјоделско земјиште во Република Македонија и се стекнува со научен степен доктор на науки, односно доктор на менаџмент. Работи во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Член е на ДПМ од 1992 година.
Авор е на книгите: Америка е само Америка (роман, 1990) Нежната прашина на заборавот (роман, 1991) Мие, малите људи, смо големи чуеци (драма, 1991) Викенд во младоста (роман, 1992) Танцот на ветровите (роман, 1993) Самоубиство на глувците (роман, 1995) Зад другата страна од тишината (новели и раскази, 1998) Диви магнолии (роман, 1999) Жолта минута (роман, 2006) Сенките на сонот (роман, 2009) Време за времето (роман, 2011)