На околу 400 страници е претставено менувањето на психолошката и моралната структура на човекот од поранешниот "социјалистички модел" во современите текови на новото време. Во "Жолта минута", Дамјановски пишува за пријателството, љубовта, светоста на постоењето и за животот збогатен со нови морални импулси. Главниот лик во романот е Македон, кој не успеал да се снајде во новото, плуралистичко општество. Наспроти него се претставниците на "новиот бран" - луѓе што поинаку се препознаваат и здружуваат.
Во романот се претставени судбината и трагичната испреплетеност на секојдневните психолошко-емотивни проблеми и неспокојство на обичниот човек, кој незабележливо минува низ времето.
Јован Дамјановски е роден во Тетово на 15 јануари 1946 година. Основно и средно училиште завршил во родниот град, а Земјоделско – Шумарски факултет на универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје. На магистерски студии по агроекономика, на макроекономската насока, магистрирал во 1989 година. Во Институтот за социолошки и политичко правни истражувања на Универзитетот Свети Кирил и Методиј , во 2005 година, ја одбрани докторската дисертација на тема: Менаџмент на користење и комасацијата на земјоделско земјиште во Република Македонија и се стекнува со научен степен доктор на науки, односно доктор на менаџмент. Работи во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Член е на ДПМ од 1992 година.
Авор е на книгите: Америка е само Америка (роман, 1990) Нежната прашина на заборавот (роман, 1991) Мие, малите људи, смо големи чуеци (драма, 1991) Викенд во младоста (роман, 1992) Танцот на ветровите (роман, 1993) Самоубиство на глувците (роман, 1995) Зад другата страна од тишината (новели и раскази, 1998) Диви магнолии (роман, 1999) Жолта минута (роман, 2006) Сенките на сонот (роман, 2009) Време за времето (роман, 2011)