Книгата Разбој на Владо Малески првпат ја прочитав во средношколските денови, при тоа потпирајќи се на сеќавањето дека романот ми оставил убав впечаток,нестрпливо чекав да почнам повторно да ја читам. Уште од самиот почеток на сегашното читање како да почуствував средба со сосема нова книга увидувајќи ја целата комплексност на начинот на пишување, воодешевувачкиот избор на зборови во секоја една реченица и на таков начин доаѓајќи до прекрасниот начин на опис и исплетување на настаните низ книгата. Додавајќи го при тоа и употребениот дијалект во пишувањето, романот како да претставува една поема напишана во прозна форма, 'пеејќи' ги длабоките психолошки доживувања и размислувања како на главните така и на останатите ликови, кои ги живеат реалните и тешки случувања од своето време. Читањето на книгата може да ви трае и подолго време, бидејќи ве тера да го барате вистинското време за читање во кое ќе можете и ќе сакате да впиете во себе и доживеете што повеќе од прочитаното.
Разбојот на Благуна Дабовјанска ја раскажува струшката сага од времето на Втората светска војна. Традиционалните, карактеристични ликови шетаат слободно низ книгата, сиромаси-печалбари, намачени, луѓе без корен, луѓе длабоко вкоренети во струшката чаршија, богаташи во чии куќи има чудо невидено, а сите збрани покрај Дрим. Од него не можат да се отприштат. Бугарско, српско, италијанско... деца менуваат по три јазици во три учебни години, ама се врвело, животот продолжувал... Едно машко (Бојан Караѓуле) посетител во сите женски-куќи (која без маж заради печалба, која заради нељубов, која заради вдовичлак), а тој барабанџија - уште и учен во Софија... ама без ксмет, па не се задомаќинува. Гине од непријателска пушка, на третата година од војната, кога се отстравува, па курир станува на партизаните. Секако, Благуна, незјиниот маж Нестор (печалбар, кој место да се врати од близу, заминува за Америка и таму коски остава), и синот Стојмир, се централна фигура во романот. Калина - девојка сосетка, место жена на Стојмир станува Брашнарова, а Брашнаровци се најбогатите во Струга. Но, судбината сака Мане Брашнаров да не може дете да има. Калининото дете ќе ја откине неа од нивната куќа, за на Благуна кобницата лицето да ѝ се насмее, откако Стојмир гине од непријателски куршум. Топла, тажна, тескобна македонска приказна. Па, уште и на струшки говор напишана, за мераци!