Раскази за лудилото? Зар може да се каже нешто ново за лудилото по Едгар Алан По, Е.Т.А. Хофман, Лотреамон, по лудилото на Хамлет или лудилото на Дон Кихот? Венко Андоновски, во циклусите раскази „Фрески“ и „Иконки“, ни ги покажува познатите, благородни форми на лудилото: лудилото на љубовта и лудилото на генијалноста. Тие се форми на класичното лудило на недостигот, кои покажуваат дека недостигот, кој обично се замислува како „празнотија во душата“, всушност е најбогатото чувство на човекот: недостигот е максимална исполнетост на битието со копнеж. Хамлет копнееше по вистината и одмаздата, Дон Кихот по еден нов херојски свет... Но во циклусот „Карикатури и гротески“, ликовите полудуваат во мигот кога го губат недостигот, што значи го губат и копнежот, кој го заменуваат со потреба од копнеж. Тоа е лудило на празното полно, наместо класичното лудило, она на полното (со копнеж) празно.
Раскажувач, романсиер, драмски автор, поет, есеист, критичар, книжевен теоретичар. Роден е во Куманово на 30 мај 1964 година. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Доктор по филолошки науки. Професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Член на Македонскиот ПЕН центар. Член на ДПМ од 1990 година. Автор е на книгите: Нежното срце на варварот (поезија, 1986), Квартот на лиричарите (раскази, 1989), Фрески и гротески (раскази, 1993), Азбука на непослушните (роман, 1993), Текстовни процеси (есеи, 1996), Ѕвоната на Матош (студија, 1996), Структурата на македонскиот реалистички роман (студија, 1997), Три драми - Словенски ковчег, Бунт во домот за старци, Адска машина (1998), Дешифрирања (2000), Папокот на светот (2001). Добитник на наградите: „Рациново признание“, прва награда за роман на издавачот „Зумпрес“ - Скопје, награда за најдобар драмски текст на Македонските театарски игри „Војдан Чернодрински“ - Прилеп, награда „Роман на годината“ и награда „Балканика“.
Уште едно одлично издание на Венко, уживав во неговиот стил на пишување, како и сатирата која ја користи за да истакне одредени појави и работи во македонското општество.