Живеејќи во овој турбулентен и динамичен свет, многу често ја губиме конекцијата со светот шо не опкружува. Станавме апатични, ги роботизиравме моторичките и сетилните функции и се качивме на брод чија крајна дестинација никој не ја знае. А, сепак, има исклучиво материјална вредност.
Така, фасцинантно и суптилно во моите раце се најде овој роман, исполнет со филозофска ненаметливост, маркантно сведоштво на еден човек во потрага по смислата на постоењето и ретко, искрено признание за борбата со телесните страсти преку моќта на молитвата и постот.
Монахот Калист е прототип на еден специфичен и декадентен пристап на коегзистенција со природата. Свет на самостојност и изолација, каде се трага по моќта на мислата, каде најсовршена симфонија е црцорот на птиците и божествена амброзија е сето она на што природата му дала живот. Токму таквиот холистички пристап кон сопственото исцелување е моќта на остварување нераскинлива поврзаност помеѓу верникот и религијата.
Низ страниците на ова парче хартија имаме можност преку апстрактна перцепција да патуваме низ совршените пејзажи на недопрениот свет, уживајќи во медитацијата што Змискиот Остров на Преспанското Езеро ни ја нуди нам и на монахот Калист, кој воедно е и последен жител на тоа исконско место што истовремено изобилува со рајски спокој и пеколен немир.
Ова приказна може да ја читате и од духовен и од човечки аспект, бидејќи преку животот на вечниот испосник ќе ја почувствувате, не само суштината на човечкото постоење, туку и догмата што црковниот свет ја наметнува низ призмата на постулатите што ја маркираат границата меѓу апсолутната и земната вистина, милосрдието и дехуманизираноста што неконтролирано владее.
Тука нема да сретнете само нечии искуства и животни патописи, во ова дело најверодостојно ќе се запознаете со моќта на човечката издржливост и неприкосновената сила на мудрата мисла. Ова е, нема да кажам наша единствена можност да погледнеме низ хоризонтите на животот од една поинаква перспектива, заснована на духовна интроспекција - пораките на монахот Калист се уникатен прозорец да пронајдеме инспирација во едноставноста на зборот.