"The truth is not enough on its own; it is complete only when shared."
The life of forty-year-old Inspector Viktor Nikolov stands at a crossroads. The delicate family idyll with his wife and daughter is disrupted by financial problems the family faces following the end of the coronavirus pandemic.
At the end of winter 2024, the Skopje Department for Violent and Sexual Crimes, in collaboration with the Gostivar police, takes on the case of the murder of a well-known Skopje sex offender and occasional drug user. The addict is found shot dead in his room at a hotel by Mavrovo Lake. The only clue for the police is the shell casing found at the crime scene.
On the first day of March, the course of the investigation and the personal challenges of the police inspector collide, resulting in a dangerous and tense evening, accompanied by deadly consequences.
''Вистината не е доволна сама по себе; целосна e, само кога е споделена''.
Четири години по теророт на Одмаздникот низ скопските улици, животот на четириесетгодишниот инспектор Виктор Николов е пред своевиден крстопат. Фината семејна идила со неговата сопруга и ќерка е нарушена од финансиски проблеми со кои се соочува семејството по завршувањето на корона пандемијата.
При крајот на зимата 2024 година, скопскиот Оддел за крвни и сексуални деликти од гостиварската полиција превзема случај на убиство на однапред познат скопски сексуален престапник и повремен уживател на наркотични средства. Наркоманот е пронајден застрелан во неговата соба во еден хотел на Мавровско езеро. Единствена трага за полицијата е пронајдената чаура на местото на убиството.
На првиот ден од месец март, текот на истрагата и личните премрежја на полицискиот инспектор доаѓаат во непосреден меѓусебен судир, резултирајќи во една опасна и тензична вечер, пропратена со смртоносни последици. /
Ande Jankov (Анде Јанков) (novelist, poet, literary critic) was born in the leap year of 1988, and his life has been a rollercoaster ever since. A graduate economist from Ss. Cyril and Methodius, he has used his vast knowledge of various subjects in his writing career.
His debut novel, ''A Summer on Crete'' (Едно лето на Крит, 2016) received the award Romanijada, awarded by the publishing house ''Kultura'' for Best Debut Novel by an emerging author.
Afterwards, he sat his sights on expanding the crime and thriller genres on the Macedonian market, by introducing Viktor Nikolov, his detective protagonist in an ongoing series of novels: ''Vienna Game'' (Виенски гамбит, 2020), ''Calculated Risk'' (Сигурен ризик, 2021), ''Only God Forgives'' (Само Бог простува, 2022), "Kobayashi Maru" (Кобајаши Мару, 2024) and "Memento Mori" (2025).
He also created the literary podcast ''Literary conversations'' (Книжевни разговори), whereas he conducts interviews with the newest darlings of Macedonian genre literature. The podcast has five seasons and 70 episodes, with more than sixty guests.
Виктор Николов е поставен пред најголемиот предизвик до сега. Овој дел од серијалот станува поличен и поемотивен, а има и многу повеќе акција од претходните.
Морам да почнам со - не сакам и не читам трилери! Причината за тоа е што секогаш кога сум се обидел и од тоа малку што сум прочитал, ми сметала клишеизираноста на дејството до крајности, стереотипизираните ликови и ултимативно - секогаш среќниот крај што ги прави неоригинални и предвидливи. Да не бидам погрешно сфатен - во „Кобајаши Мару“ авторот Анде Јанков не измислува топла вода и не прави нешто што премногу отстапува од оваа моја претстава за трилерот во книжевноста, но сепак, дури и на мое лично изненадување - ми се допадна и тоа многу. Причини има повеќе. Прво: „Кобајаши Мару“ не е само трилер, туку многу повеќе од тоа. Анде успешно ги инкорпорира трилер-елементите во една посериозна приказна која говори за многу нешта: од семејството, татковството, животот, изборите на поединецот кои секојдневно ги правиме и прашањето кое се раѓа потоа: „дали правилно постапивме“; моралот, честа, образот, вистината, правдата; па се до трулоста на општеството во кое живееме во кое најверојатно вистински криминалци не се оние кои се извршители на криминалните активности, туку некои, некаде, седнати во некоја фотелја, кои си играат со нашите животи како марионети. Второ: можеби чудно, но на трилерот во „Кобајаши Мару“ јас му верував! Кај трилерите го имам и тој проблем - постапките на ликовите ми делуваат нереалистично. Во реалноста така никој не би постапил, во најголем дел од случаите. Но тука, искрено, помалку реалистични ми беа пасажите на разговорот на Даниел и Андреа за книжевноста и начинот на кој треба да се изгради еден добар роман, отколку трилер - елементите. Трето: ми се допадна вештата употреба на елементи од поп културата (музика, филм, телевизија, книжевност, медиуми...) во речиси секоја глава. Истото ми изгледаше проникливо и можеби придонесе кон целата таа реалистичност за која зборував претходно. Четврто: одлично се инкорпорирани и елементи од реалноста во која денес живееме како на пример војната во Украина, доделувањето на наградата „Роман на годината“, некои политички и други актуелни случувања кај нас од изминативе години и сл. Ми се допадна и (најчесто) предавањето на дијалогот на англиски во оригинал, преведен во фуснота. И последно, особено ми се допадна тој bittersweet крај на романот кој не го очекував. Зашто ова не е роман кој завршува тогаш кога ќе се реши злосторството, што е често клише кај трилерите, туку со еден интересен plot-twist Анде го заокружува во сосема поинаква насока која уште повеќе придонесе кон неговата реалистичност, ме натера да му верувам и заради која уште повеќе ми се допадна.
Реков - не сакам и не читам трилери. Имам прочитано навистина малку од овој жанр што веројатно ќе се смени по „Кобајаши Мару“, кој од тоа малку што го имам прочитано, несомнено е еден од најдобрите, ако не и најдобриот роман. По ова, морам да ги ѕирнам и претходните три романи од серијалот за Виктор Николов, а зошто да не и некој друг трилер од некој друг наш автор.
Книга која го држи вниманието до самиот крај, но само ако сте расположени за авантурите на Виктор. Мене ми требаше мала пауза, и ми е мило што ја направив, затоа што мислам дека во спротивно немаше да го имам истото мислење што го имам сега.
Виктор овојпат е соочен со уште еден предизвик - решавање на убиството на еден наркоман во Маврово, а паралелно ја запознаваме и неговата полична, поемотивна страна.
Во текот на истрагата, тој ќе се најде во ситуација која на прв поглед изгледа како обичен грабеж на банка, за на крај да се покаже дека е директно поврзана со случајот на кој работи.
Во повеќе наврати го среќаваме и Даниел, братот писател, кој ни раскажува како настанува една приказна. На почетокот тоа ми беше интересно, но кога ќе стане највозбудливо - ете го пак Даниел. Да беше вистински лик, ќе го мавав со книга.
Виктор е веќе препознатлив лик поради претходните случаи, особено случајот со Одмаздникот, а таа популарност го следи и во четвртиот дел од серијалот. Кобајаши Мару е совршено избран наслов, бидејќи претставува метафора за безизлезна ситуација. Така и во овој роман, инспекторот Виктор Николов се наоѓа во лавиринт на моралот, каде што без разлика на изборот, сите исходи носат загуба.
Низ приказната Виктор се соочува со низа од сложени дилеми, каде совеста, вината и во главно потребата да преживее, го тестираат на секој чекор. Анде маестрално го користи трилерскиот заплет како рамка, но суштината на ова дело е многу подлабока. Тој нè воведува во свет каде границата меѓу исправното и погрешното е толку тенка, што човекот може да ја премине без да забележи.
Паралелно со внатрешна борба на Виктор, се одвива истрага што започнува со едно убиство во Маврово, но брзо прераснува во нешто што ја преминува рамката на класичен криминален случај.
Романот нè води низ серија на опасни ситуации и закани по животот на Виктор и неговото семејство, при што вистинскиот судир не е само со криминалците. А кога трагите се поврзуваат, Виктор сфаќа дека личните трагедии и големите светски конфликти се дел од истата слика. На крајот, сите настани оставаат трага врз него, покажувајќи како кризните ситуации ја обликуваат неговата личност и понатамошни одлуки.
Романот ја одразува реалноста на надворешните конфликти, како војната меѓу Русија и Украина, и покажува како големите политички настани влијаат врз животите на обичните луѓе, создавајќи поделби. Исто така, тие надворешни конфликти ја отсликуваат внатрешната борба на ликовите - загуба, вина, компромис и страв. Покрај трилер, оваа книга е и психолошка драма, семејна приказна и општествена критика. Во секоја сцена, се чувствува тежината на прашањето: што значи да останеш човек кога светот околу тебе се распаѓа?
Ликовите се далеку од идеализирани, тие се кревки, грешни, понекогаш себични, но секогаш човечки. Сандра и Теона го откриваат она што е најранливо во Виктор, истакнувајќи го неговиот внатрешен конфликт. Другите ликови ги отсликуваат слабостите и крајностите на човечката природа под притисок, каде одлуките се мотивирани од лични интереси, страв или моќ. Особено значаен е ликот на Даниел, братот на Виктор, кој истовремено е и писател. Неговите разговори со мајка му отвараат длабока филозофија за пишувањето, создавајќи една паралелна приказна за тоа како се создава успешен и влијателен роман.
Секој избор носи своја цена, а Кобајаши Мару открива колку сме подготвени да го отплатиме. Со маестрален заплет и сложени ликови, романот остава впечаток што долго одекнува по последната страница.
Читајќи ја оваа книга, конечно сфатив што е она што ми фали кај останатите кои сум ги прочитал од истиот жанр. А тоа е дека дејствијата кои се опишани во овој тип на книги низ кои поминуваат главните и споредните ликови, нивните избори во животот оставаат трајни последици врз карактерите (позитивни и негативни). Како тие промени ќе влијаат понатаму врз ликовите, останува да видиме (5-ти дел? *wink* *wink*)
Метафикцијата е многу добро вметната преку дијалозите на Андреа и Даниел, па писателот пред секоја целина ни дава еден дел од шаблонот врз кој е креиран овој роман притоа објаснувајќи и зошто е тоа така.
Вистинска посластица за оние кои имаат познавања од книжевноста како и за љубителите на крими-трилерите. Доколку не сте ги прочитале претходните книги од овој прекрасен серијал, инсистирам да ги прочитате.
Роман кој се одликува со длабока психолошка анализа на ликовите и кој ја следи нивната психолошка еволуција за да на крај постави морална дилема на поштеноста и општествената поставеност на нештата. Четврта книга од серијалот со инспекторот Виктор Николов а јас од крајот почнав првин со оваа книга. Не беше проблем затоа што можат да се читаат самостојно. Романот започнува со убиство во еден хотел во Маврово. Убениот е наркоман но инспекторот Виктор и неговите колеги не го занемаруваат случајот туку интензивно работат на него. Додека трае истрагата инспекторот има само едена чаура од испукан куршум и една исчезната девојка која работи во истиот тој хотел. Тоа е добар старт на мистеријата која ќе се расплетува подоцна. Инспекторот Николов се соочува со предизвици, неговиот живот е во криза после финансиските проблеми што ги доживеало семејството, а настанот го поставува во средиштето на истрагата која завзема се покомплексни размери. Соочен со криминалците тој ќе мора уште еднаш да си го постави прашањето кого да спаси што го враќа повторно во ковид пандемијата кога морал да одлучува. По тоа тој доживува своевиден пад и психички тортури кои си ги наметнува сам на себе кое влијае не само на него самиот туку и на членовите на неговото семејство.
Динамиката помеѓу инспекторот и неговите лични премрежиња, во комбинација со напнатоста од истрагата ги креира врските што ќе доведат до неочекувани завршници. Личните конфликти на главниот лик, како и неговата посветеност кон случајот се клучни за развојот на настаните. Сето тоа го прават Виктор Николов мој омилен лик во романот. Неговата сопруга Сандра како и ќерка му Теона даваат заокружена слика за едно просечно семејство во земјава. Тоа пак на Виктор му дозволува да биде реален лик со кој може пошироката јавност да се поистовети.
Починатиот татко на инспекторот, Томе добива глас во сеќавањата и преку советите кои ги давал додека бил жив и се добива слика за него дека бил многу мудар човек. Братот Даниел пак е лик кој е писател по професија на кого му е даден голем дел од романот за да го прикаже „раѓањето на книгата“. Сите пет дела од романот се посветени на секоја фаза од пишувањето на еден роман. Мајката Андреа е допадлива жена која дава слика на голема подршка на семејството како и на синот кој е покрај неа, Даниел.
Авторот целосно успева да ги пренесе ликовите на интензивен и реален начин, додека итовремено ги вгадува елементите од популарната и класичната литература. вклучувајќи цитати и влијанија од повеќе истакнати творци, а посебно ми се допаднаа цитатите на крајот од Кикерон и латинските поговорки и фрази. Самиот тој пристап ја прави приказната динамична и интригантна, давајќи и длабочина во наративниот фокус.
Го немам читано целиот серијал, но од претходната книга, во оваа имаше повеќе акција и интересна идеја која е добро разработена во првиот дел од книгата. Имав малку поинакви очекувања за крајот (ескалација на приказната)... Сепак, беше солидна придружба на плажа :)
Има многу причини зошто ми се допадна книгава. Прво е што влеговме длабоко во емоционалниот живот на Виктор. Се отвара поголема слика за неговиот карактер, морал и етика. Второ, има повеќе акција од предходните романи, и тоа добро испланирана и изведена акција. Трето, имаше толку многу поучни работи, што ретко ми се случува со овој тип на роман. Четврто, вметнувањето на современите конфликти и начинот на кој авторот ги внесол во книгата. Петто, прв пат читам метафикција и многу ми се допадна. Секој нов дел си има соодветен вовед. Знаев дека е тешко да си писател, но со ваква детална анализа на течението на приказната, сега знам дека да се напише незаборавно дело е многу тешко. И последно, крајот... Книга која најверојатно ќе ја препрочитам до крајот на годината.
Многу е тешко кога помеѓу две зла треба да одбереш едно. Многу е тешко кога мислиш дека немаш никаков избор и треба да одлучиш чиј живот ти е помил од луѓето што најмногу и исто ги сакаш. Најлесно е да го дадеш твојот живот, но колку си сигурен дека после твоето непостоење, саканите ќе бидат спасени? И на крајот, дали правдата секогаш ќе го најде своето место или правдата мора да се искриви за некакво поголемо општествено долгорочно добро? Дали постои такво нешто како правда, каде што има голема сила и дали сепак се потценува моќта на човекот како единка? Многу добар и тензичен роман. Браво!
Авторите секогаш се изјаснуваат дека силно е влијанието на тоа како одредена личност ќе ја ,, сервираш " една приказна пред љубителите на пишаниот збор. Кога станува збор за моето ,, сервирање " тоа секогаш е искрено, причина е секогаш моето лично доживување, без надворешни влијанија, така ми била ,, сервирана " од авторот. Кај мене нема тапшање по рамо и клише муабет кој за жал е редовен, убаво накисната четка, за да фати фарбањето со зборот ,, одлична ". Јас, македонските автори ги рамнам со светските, затоа што јас пренесувам како сум ја доживеала приказната, а не затоа што мене авторот ми е пријател. Секогаш ја барам длабочината во книгата, до каде е, водена од тоа што сум езерско дете, секогаш уште како дете предизвик ми било да го допрам езерското дно. Ние стружани милуваме да кажеме прво плитко, второ плико трето плитко и толку, доаѓаат длабочините. На книгата секогаш и дозволувам надминување на прво плитко, со почеток на преминување кон второ. Штом до таму не ја бива се откажувам. Кратка и јасна секогаш се стремам да бидам, а и обожавам да кажам збор, два, три ... иако има моменти кога ми доаѓа да се откажам, сепак љубовта кон пишаниот збор преовладува, па повторно споделувам. Повторно ќе повторам, пишувам за книгата, не за личноста која ја пишувала.
Анде, ќе те читам повторно, умееш со пишаниот збор, тогаш кога ќе се извлечеш од сопствените стеги и ќе се пробаш во друг жанр и ќе земеш длабоко воздух за да се нурнеш во длабочините и да ја откриеш својата езерска композиција. Малку веќе те запознав, знам дека си љубител на Суп даските и адреналинот кој тие го нудат, така да нема да ти биде проблем, напротив верувам дека радозналоста ќе надвладее.
Во приказната на Анде силно влијание имаат денешните случувања во светов. Кога ја земаме во предвид нашата моментална политичка состојба, како кај нас, така и кај нашите блиски соседи, би ја дефинирале како ,, Молчи си, толчи си ". Така и војната помеѓу Русија и Украина, народот е тој кој пати и се толчи, но има и такви личности кој се поттикнати од хаосот на моменталната ситуација, сето тоа да го искористат во сопствена корист. Делот кој ми се допадна е филозофскиот дел од приказната, кој всушност го опишува процесот кој треба да биде обработен од авторот, за да приказната која е замислена во нашите глави да исплива на површина и да го добие својот заслужен крај.
Накратко станува збор за ограбување на банката ,, Тера " ( ако сум го утнала името исправете ме 😁 ) која се наоѓа во Скопје. Таа банка е цел на ограбувачи од Русија, меѓу кој се замешани и нашите соседи, а богами го има и македончето, да ни се живи и здрави, без нас не поминува приказна, секаде не има и во минатото, сегашноста, а ќе не има и во ид��ината. Главниот јунак во приказната е Виктор Николов, читателите кој го пратат на Анде знаат многу добро кој е тој, запознаени се и во претходните дела. Like a pro ( Анде често знае низ книгата да искористи вакви термини, па да не останам покусо и јас ) како професионалец квалитетно ќе им го замеша шпилот со карти, на тие кој ќе се приклучат на партијата покер. По игра на случајност Виктор заедно со своето семејство е присутен во банката и тука доаѓа до заплеткување на играта.
Тоа што не ме бендиса е честото вметнување на одредени филмови, песни ( насловите како и дел од текстовите ) кој што лично јас за жал не можам да ги испратам, па често останував затекната, збунета, со нецелосна слика која авторот сакал да ми ја пренесе мене како на читател. Споменувани се како компарација или како значение за моменталното дејствие и тука малку, малку повеќе се губев и станував нервозна. Ова не е класичен трилер, тоа го кажува и самиот автор, но сепак преовладуваат бестселер книгите, блокбастерите кај филмовите ( нели, акционите филмови ). Тече приказната лесно за љубителите на вакви приказни им ја препорачувам.
Одликите на едно врвно вино: комплексно, избалансирано до совршеност, длабоко и интезивно, фасцинантно и ве мами да продолжите да го консумирате додека не осетите салбост, но и тогаш не ве остава да го заборавите.
Којабаши Мару е роман кој можам да го споредам со одликите на едно врвно вино: енергетична совршено избалансирана приказна, интезивна и комплексна со длабока мисла, на моменти со траги на мисловна и душевна болка.
Од самиот почеток па се до крајот вклучувајќи ја и кулминацијата на приказната, која е фасцинантно, моќно и до совршенство вклопена, каде што читателот нема да осети кога дошол крајот , а при тоа ќе го остави со чудно чувство и потреба да размисли која и што е правата вистина и дали секогаш го правиме вистинскиот избор кога ќе се најдеме на крстопат. Авторот, со неговото познавање на ситуацијата, литературната образованост, поврзаноста на темата/содржината со моралниот аргумент при тоа што самата приказна завршува со природен крај, само повеќе го потврдува моето мислење, а верувам и на идните читатели на ова дело, дека Анде Јанков со неговиот последен роман може да се гордее и да се вклучи во групата на најдобри млади современи писатели во земјата.
Дефинитивно «must read» роман со највисока можна оценка.
Одличен крими роман кој освен со интензивна приказна богата со прецизно градени ликови, изобилува и со филозфоски и теоретски гледишта кон уметноста и книжевноста. Книга во која ќе ужива секој љубител на крими-трилер романи, како и секој кој ја сака книжевноста и уметноста на пишувањето.
Читајки го делото имав впечаток дека се наоѓам во непосредна близина на ликовите.Писателот со своето опишување на деталите и настаните ви дава чувство дека непосредно пред вас се случува дејството. Авторот прикажува многу актуелни теми и појави во нашето опкружување кои неизбежно го погодуваат, на еден или друг начин секој од нас. Неправда, социјален статус, чесност, корумпираност, фамилијарни односи испреплетени во совршена композиција. Уживав читајќи ја секоја страница во неизвесност до самиот крај.
„Кобајаши Мару“ е слоевит роман кој спојува филозофија, политика, психологија, што го прави многу повеќе од обичен крими-трилер. За разлика од претходните романи од истиот серијал, кои претежно се фокусираат на whodunnit или кој го стори злосторството, овој пат авторот ни нуди многу подлабоки размислувања за смртноста и опциите во животот.
Структурата на романот наликува на сценарио за филм. Нарацијата ни овозможува да влеземе во кожата на ликовите преку нивната перспектива, што дополнително го збогатува искуството на читателот.
Виктор Николов, веќе добро изграден лик, во овој роман се соочува со нови предизвици и многу посериозни проблеми и дилеми. Неговото патешествие е длабоко и интроспективно, што го прави овој роман поинаков од претходните.
Значаен дел од романот е метафикција, каде што авторот ни го открива својот занает. Овој експериментален пристап ќе биде прифатен со воодушевување од дел од читателите, особено за книжевно поткованата публика, додека други можеби ќе се почувствуваат дека им е одземена магијата на креација и фикција, но секогаш е забавно да се излезе од комфорноста.
„Кобајаши Мару“ е вистинско освежување во серијалот. И едвај чекам да дознаам каква судбина ќе скрои Анде за Виктор и неговото семејство во понатамошните делови.
Нов, возбудлив роман кој ги следи доживувањата на инспекторот Виктор Николов од Скопје. Го прочитав со задоволство. Се среќаваме со веќе познатата екипа ликови од серијалот и новите предизвици пред кои се тие исправени. Како ќе реагираат, какви одлуки ќе донесат, какви ќе бидат последиците од тоа? Писателот ја гради тензијата полека, навидум секојдневните случувања добиваат поинаква смисла, еднаш, кога во се ќе се замеша антагонистот (или антагонистите) и ќе дојде до неочекувани настани. Клишето на жанрот е вешто избегнато, се почнува со едно убиство, а наскоро прераснува во вистинска драма за протагонистите. Една одлука, една минута, некогаш прават разлика помеѓу животот и смртта.
Јунакот овојпат е исправен пред еден (или цела низа) на невозможни избори, кои освен сложени решенија, повлекуваат и секаков вид на морални, етички и друг вид дилеми, па оттаму и насловот на книгата. Таквиот пристап ја прави приказната повеќеслојна, со под-приказни кои истражуваат длабоки теми, комплексни релации, лични драми и се она што спаѓа во „човечка состојба“. Тие само на прв поглед се поврзани со заплетот и основниот конфликт кој го движи дејството, давајќи му едно тахикардично темпо на акциска драма. Тоа ќе ве држи на работ на нервите додека ги вртите страниците. Често ќе се преиспитувате како би постапиле ако се најдете во слична ситуација и што ако околностите во животот се такви, да биде тешко да останете човек со високи морални вредности, колку и да се колнете во својот карактер или мислите дека никогаш не би ги изневериле сопствените принципи.
Писателот направил вешта жанровска синтеза на трилер-акцијски наратив од една страна и еден филозофски, во стилот на Шекспир, и дилема од типот, „да се биде или не“...човек.
Дејствието е вешто поделено по наративни целини, уште една интересна новина, низ кои на обмислен начин, преку споредните ликови, писателот не води на турнеја низ светот на раскажувањето приказни.
На крајот, се чини сепак ќе биде можно да се разбие кодот или да се реши „Трамвајската дилема“, животот да се претстави како приказна, а приказната да стане реалност.
Приказната за испекторот Виктор Николов продолжува во 4от дел, односно последниот роман на Анде Д. Јанков насловен “Кобајаши Мару”. Крими фикција поставена во време по короната, опишувајќи настани со кои ќе се запрашаш дали навистина се фикција или се реалност. Овој роман е малку поинаку поставен за разлика од претходните три, каде паралелно читајќи ја приказната за животот и работата на испекторот Николов, читаме и за тоа како треба да се напише еден крими роман, преку дијалогот на брат му Даниел со неговата мајка. При крајот на зимата 2024 година, од Скопскиот оддел за крвни и сексуални деликти, гостиварската полиција бара помош за случај на убиство на познат сексуален престапник и повремен уживател на наркотични средства. Темелко е пронајден од страна на вработена, застрелан во неговата соба во хотел на Мавровско Езеро. Единствената трага за полицијата е пронајдената чаура во ѕидот на местото на убиството. Пронаоѓањето на траги поврзани со убиството во Маврово се одвива отежнато, исчезната е ѝ девојката која го пријавила убиството. Освен проблемите на работа поврзани со истрагата, Виктор се соочува и со проблемите кои се последица по короната, татко му е починат, му недостига, намалување на финансиите исто така му претставуваат проблем, бидејќи сака неговата ќерка да ја запише во средно приватно училиште. Поради тоа принуден е да бара кредит од банка која неговата сопруга ќе му ја предложи. Влегувањето во банката драстично ќе му го промени попладнето, но и животот на испекторот и неговото семејство. Како ќе заврши приказната и со што сѐ ќе се соочи Виктор додека е во банката, а и после тоа, оставам да прочитате и да дознаете.
Како читател кој најмногу сака да чита крими трилери оваа книга најмногу ми се допадна. Имаше многу повеќе акција и неизвесност, ликовите и семејните односи беа многу добро обработени и одлично вклопени во приказната за тоа како се создава роман. Содржината на оваа книга не само што е интересна и неизвесна за читање, туку те наведува да размислуваш за изборот што би го направил кога некои животни ситуации се навистина тешки. После сите прочитани книги на Анде можам да кажам дека сум воодушевена и топло ги препорачувам книгите од серијалот за Виктор Николов.
Кобајаши Мару ми беше малку чуден роман, бидејќи досега немам читано метафикција. Сепак беше доста интересен. Комплексноста на главниот лик, инспекторот Виктор Николов беше застапена во голема мера како и претходно. Дејствата и настаните беа интересни и возбудливи. Она што најмногу ми фати око е што оваа книга, за разлика од некои други, одлично се придржува до оние пет елементи: експозиција, заплете, кулминација, перипетија и расплет.
Читајќи го овој роман добив впечаток дека крими романите не се доволно вдомени во мојата библиотека. Досега не сум читала книги од овој жанр во кои што покрај богатата содржина, богат е и внатрешниот живот на главните ликови, но и на негативците. Дефинитивно овој серијал станува се подобар со секој изминат дел, па го охрабрувам авторот да продолжи да пишува како и досега.
Ако треба да се опише книгава со една реченица, тоа би било Die Hard meets Training Day by the way of Венко Андоновски. Топла препорака за овој дел, се приметува голем напредок во однос на претходниот дел кој секако беше одличен.
Мојот прв прочитан роман од Анде. Најмногу ме привлече насловот за да го прочитам и не сум погрешила. Кога почнав да го читам не можев да застанам, сѐ додека не дојдов до крајот. Можеби е мојот прв од Анде, но дефинитивно не и последен.
This was a thrilling read from start to finish. It is my second book from this author after "Edno Leto na Krit", and it has the spirit of that one, even though it is more mature and philosophical.
Читајќи го најновиот роман на Анде, морам искрено да потврдам дека тој доследно книгата ја гради како морална или етичка приказна, истражувајќи ги темите и пораките што ги пренесува. Како и самиот наслов Кобајаши Мару, кое значи сценарио за кое нема излез, Анде преку оваа книга ни докажува како луѓето се однесуваат кога доаѓаат во таква невозможна ситуација.
Преку содржината на книгата, авторот ги поттикнува читателите да размислуваат за тоа како би реагирале во такви ситуации и кои морални принципи би ги примениле, на тој начин откривајќи што е можно повеќе за вистинскиот карактер на главните ликови. Освен тоа, романот исто така ни ги прикажува причините зад одлуките што ги правиме и како можеме да го избереме најдоброто можно решение во тешките ситуации.
Точно поради таа причина романот топло го препорачувам за читање поради својата квалитетна приказна и релевантност на темите што ги расправа. Книгата е вистински знак за квалитетна литература, не само што не забавува, туку и не предизвикува критички да размислуваме и да растеме како личности. 5/5.
Кобајаши Мару е мојата прва книга прочитана од Анде Јанков, ама не и првата купена.
Насловот е оригинален, пооригинален и не може да биде, па ме натера да се запрашам колку пати јас во животот сум била во Кобајаши Мару ситуација. Често, да бидам искрена.
Се мислев што да напишам, да биде кратко, а да можам се што ми лежи на душава да си кажам.
Е па да ви кажам, ова не е книга, ова е катарза на хартија. А катарзата во оваа книга доаѓа преку: - моралните дилеми со кои се соочува инспекторот Николов - емотивната цена на вистината и правдата - неочекуваните пресврти што оставаат силен внатрешен одек кај читателот. И тоа е тој момент кога сфаќаш дека не си прочитал само трилер – туку нешто што ти се врежало под кожа. И не само што ти ги буди мислите и чувствата, туку го пробива и срцето. А тоа е токму што значи катарза.
Дискусијата помеѓу мајката и синот пистаел и тоа како остави белег кај мене. Како е само опишано што се треба и низ кои се чекори и фази треба да се помине за да се создаде едно дело кое треба читателите да го прифатат. И тоа не само книжевно дело, ако размислиш подлабоко, тоа се чекори кои и ние како луѓе треба да ги изодиме за останеме човечни.
Исто така книгава не потсетува на тоа дека ние како луѓе треба да имаме квалитети кои треба да ги негуваме и надополнуваме, како: морал, менталитет и човечност, исто како што Анде објаснува кои квалитети треба да ги поседува главниот лик во едно дело, за истото да биде успешно прифатено од читателите. Како што треба да се гради еден главен лик во една книга, така треба ние да ги негуваме овие квалитети за да може да се излеземе од трулоста во општеството, а тоа може да се постигне само со промена на “системот“ – поседување, градење и негување на овие квалитети.
Целата приказна е добро смислена, интересна, моќна, совршено скоцкана, со совршено изградени ликови и читајќи ја се запрашуваш за своите морални дилеми и моралните дилеми на луѓето.
И за крај, во ситуација Кобајаши Мару нема победник, ама од ситуацијата се излегува со промена на “системот“, било тоа да е општесвото, животот, љубовта. Понекогаш и ние самите ја создаваме Кобајаши Мару ситуацијата. Ама има излез од се, само зависи која цене треба да се плати!
И за крај: Ова е книга со зборови кои не само што се читаат, туку оставаат лузни, светат однатре и ве учат како изгледа совршенството кога ќе се облече во совршена и моќна приказна. Ова е совршенство во реченици – тишина што зборува повеќе од илјада гласови. Ова е книга што не се чита, туку се доживува. Анде, Мајсторе, секоја чест! Прекрасна книга си напишал, си направил совршен спој на ум, срце и душа на хартија. Ремек-дело! И да, доби уште еден верен читател
Досега можеби најдобрата книга излезена од перото на Анде Јанков, а не се сомневам дека и понатаму ќе не' изненадува со нови дела. Ми се допаѓа што романот не е класична трилер приказна, а посебно привлечен е делот каде што авторот преку ликот на Даниел ја доловува мајсторијата на пишување книга, односно создавање на едно книжевно дело, развивање на идејата за еден роман, развивањето и прикажувањето на ликовите, градење на приказната. Доаѓа како еден убав одмор од главното дејство во романот, а од друга страна, те тера да размислуваш малку подлабоко за животот, за тоа до каде стигнавме како општество, колку сме еволуирале во позитивна смисла (за жал, малку повеќе во негативна), колку има надеж за нас како луѓе, небитно дали се работи за индивидуалец или колектив. Личните премрежја, битки со себеси и сопствените мисли, финансиските проблеми - сето тоа е дел од секојдневието на денешното општество, не е исклучок ни Виктор Николов. Дали и како ќе се снајде во една неочекувана ситуација, тоа оставам сами да откриете. No-win scenario? За кого како. Ветувам дека ќе уживате во приказната.
Prekrasna kniga, isto kako i prethodnite delovi vo serijalot. Za razlika od drugite, malku e poteshka za citanje, no zatoa i emocionalnoto zadovolstvo na kraj e pogolemo.