Секогаш е добро кога некој наш автор ќе издаде книга која истовремено кажува нешто повеќе од обичните викенд-романи, но е и современа во однос на стилот и начинот на кој е пишувана. Таков е случајот и со Ричард Мило, академски уметник, кој решава да пишува книга „за да покаже дека и уметниците се писмени и знаат да пишуваат“, како што изјави самиот тој.
Станува збор за патувањата во Индија на еден млад човек од Скопје, во еден ашрам, каде што треба да си ги одговори прашањата што го тиштат секого. Но, станува збор и за неговите експерименти со дрогата, за неговите скопски искуства и другари, движејќи се во скопска средина. Се опишува и Индија и попатните земји низ кои патува младиот човек, но и за познатите скопски маала, за „Партизанска“ и локалните кафе-барови. Урбан стил интегриран во четиво кое е истовремено забавно и поучно, но и длабоко и искрено. Проверете!